
Во сабота ќе се одиграат натперварите од 21. коло на Втората македонска фудбалска лига, а од коло во коло борбата за горниот дел од табелата станува неизвесна, атрактивна и доста возбудлива, бидејќи секој „кикс“ може многу работи да промени.
Тимот на Осогово прикажува одлични резултати во пролетниот дел има четири победи и еден пораз од Скопје во Автокоманда, но ваквите резултати на „жетварите“ добиваат на тежина бидејќи веќе се израмнија на шестата позиција со Новаци со по 36 бодови и сигурно е дека до крајот тимот на Крсте Крстев ќе се бори и за петтата позиција.
В сабота за Осогово ќе биде едно незгодно гостување во Радовиш каде ќе се соочи со Детонит Плачковица. Радовишани со мал притисок поради двата порази во низа ќе бараат враќање на победите, а со тоа и можност да избијат на шестото место, во зависност како ќе одигра Новаци против Каменица Саса.
Овие три екипи целат кон три бодови и со тоа што порано да го потврдат опстанокот, бидејќи Кожуф кој има шест бода негатива од зоната за опстанок и натаму се надева на директен опстанок.
Дали тактикта на Горан Здравков ќе биде подобра од на Крсте Крстев, или пак „жетварите“ ќе направат богата жетва со три бодови во Радовиш ќе покаже саботното соочување кое ќе го следите во живо на М Нет телевизија.
Водечката четворка овој викенд ќе има лесна задача – Охрид дома како голем фаворит ќе игра против Вардар Неготино, Шкендија Арачиново ќе гостува во Виница кај Слога, Скопје со пет победи во низа ќе го пречека Кожуф, а пак Брегалинца ќе игра против Преспа во Ресен.
Очекувано ќе биде овие екипи да ја оправдат фаворитската улога.
Беласица на домашен терен ќе се соочи со Тетекс, додека пак Големо Коњари и Победа меѓусебно ќе се соочат во дуел од долниот дел каде и двете екипи ќе бараат прв позитивен резултат оваа пролет.
Александар Ванев, М-Нет