
Тешка финансиска состојба ја очекува Општина Радовиш по исцрпувањето на рудните тела за бакар од кои се снабдуваше рудникот „Бучим“, имајќи предвид дека буџетот на Општината дури 50 – 55 % беше од концесискиот надоместок. Рудникот „Бучим“ ќе биде наследен од новиот рудник „Боров дол“ кој припаѓа на три општини, а од истиот само 4,5 % припаѓаат на Радовиш, што е големо намалување за Општината. За ваквата ситуација, Градоначалникот, Герасим Конзулов, рече дека имаат испратено писмо до Владата, а ќе испратат и уште едно дополнително очекувајќи со истите да се најде соодветно решение.
„Гледајќи ја состојбата, планираме дополнително ново писмо до Владата и до Министерството за економија дека Радовиш му следува нова концесија за објектите кои се од витално значење и многу опасни за одржување. Таков случај е хидројаловиштето со концесиски простор од 4 км2. Тоа е потенцијална опасност и објект од висок ризик, бидејќи целокупно преработената руда 4,5 милиони тони годишно во просек па се до 5 милиони, од кои само 1% е концентрат, а 99% е отпад. Значи, доколку се преработи 4,5 милиони тони рудна маса, само 45 илјади тони е концентрат, а остатокот е локациска хидројаловина“, рече Конзулов.
Тој посочи дека и преработните капацитети, примарното дробење и секундарното дробење, како и преработката на руда и новата инсталација за добивање катоден бакар се 100% во концесискиот дел на „Бучим“ и Општина Радовиш. Па од таа причина тие сметаат дека Владата и Министерството за економија треба да направат експертски тим за добивање на правичен концесиски надоместок.
Ребека Спасова МНет