Општина Прилеп со реакција по повлекувањето на Победа: Финансискиот колапс резултат на долгогодишни проблеми и недостиг на соработка

Повлекувањето на сениорската екипа на ФК Победа од натпреварувањето во Втората македонска фудбалска лига предизвика силни реакции во јавноста, а со официјално соопштение се огласи и Општина Прилеп, која изрази жалење за ваквиот развој на настаните.

Од локалната самоуправа истакнуваат дека во изминатиот период преземале повеќе активности со цел да се најде решение за стабилизација на клубот, но процесот бил отежнат поради, како што наведуваат, сериозен недостиг на соработка од страна на мнозинските сопственици. Според општината, не била покажана подготвеност за формирање легитимни органи на управување и назначување извршен директор, што довело до функционална парализа на клубот.

Во обид да помогне, Општина Прилеп донела одлука за еднократна финансиска поддршка во износ од 1.000.000 денари, но реализацијата била оневозможена поради законски ограничувања поврзани со изборниот процес, како и поради блокираната сметка на клубот. Дополнително, според официјалната документација, клубот има долг кон Управата за јавни приходи од над 7 милиони денари, кој опфаќа неплатени придонеси, ДДВ, данок на добивка и персонален данок.

Од општината нагласуваат дека буџетските средства на граѓаните не смеат да се користат за покривање на вакви долгови, особено по сознанијата за ненаменско трошење на средства во минатото. Според нив, одговорноста за финансиската состојба ја носи актуелната сопственичка структура, која располага со мнозинството акции во клубот.

И покрај тоа, Општина Прилеп порачува дека заложбата за спас на ФК Победа останува, но како предуслов се поставуваат целосна транспарентност и увид во финансиското работење. Само на здрави и стабилни основи, потенцираат од општината, може да се врати достоинството на клубот, кој со децении претставува еден од спортските симболи на градот.