
Околу 70 нови иднивидуални куќи ќе има на потегот меѓу населбите Сењак 4 и Баби. Просторот кој сега е неискористен и запуштен во наредниот период ќе биде целосно уреден. Согасно ДУП овде ќе има околу 70 плацеви кои ќе се продаваат со цел граѓаните да создадат иднивидуални куќи. Градоначалникот, Иван Јорданов, посочи целиот потег кај булеварот Партизанска ќе биде целосно урбанизиран.
„Потегот кој е неискористен, неурбанизиран меѓу населбите Сењак 4 и Баби за кратко време ќе биде една прекрасна зона за индивидуално домување, затоа што согласно ДУП овде се предвидени околу 70 плацови за индивидуални куќи. Целиот потег на булеварот Партизанска од страна ќе биде урбанизиран и ќе биде едно прекрасно место за домување.“ – вели Јорданов.
Населби со иднивидуални куќи ќе се создадат во неколку зони во Штип. Изградбата и продажбата на станови во Штип зема се поголем замав, а држе и висока цена. Токму затоа се нуди можност граѓаните да добијат плац за индивидуално домување.
„Една од причините заради која се одлучивме да планираме населби со индивидуално домување е тоа што е навистина потреба на граѓаните кои бараат парцели и површини за градба. Се планираат неколку зони кои во иднина ќе бидат ставени во програмата за отуѓување на градежно земјиште“ – додава Јорданов.
Јорданов се надева дека интерес за индивидуални куќи ќе има не само од граѓаните на Штип, туку и од Скопје, бидејќи градот има добра инфраструктура, чист воздух, лесна поврзаност со главниот град и потенцијал кој во иднина треба да биде искористен.
Во близина на овој потег претходно се работеше на подземната инфраструктура, доби булеварско решение, а овде ќе има и Лидл.
Лаура Стојанова М-Нет