Околу 2000 штипјани и фирми се соочуваат со присилна наплата на данок на имот

Околу 2.000 штипјани и фирми се соочуваат со присилна наплата на данокот на имотот кон Општина Штип. Решенијата се доставени до даночните обврзници, кои не ја подмириле својата обврска за претходната година. Драган Каров вработен во Општина Штип вели дека во самите решенија на даночните обврзници им пишува до кога треба да го платат данокот на имот. Доколку не постапат согласно решенијата истите се пуштаат до банките кадешто граѓаните или фирмите имаат сметка.

„Изготвуваме решенија за присилна наплата за оние кои не си ги подмириле обврските од претходната година. Решенијата се доставени, има известување на веб страната на општината и доставени се до даночните обврзници и оние кои не ги подмируваат согласно тие решенија ги пуштаме до банките каде имаат сметки и општината ги наплаќа средствата“ – кажа Каров.

Посочи дека се задоволни од тековната наплата на данокот за имот и во моментов наплатата од домаќинствата изнесува 50%, а на фирмите 55%. Истовремено упати апели до граѓани да ги исполнат своите обврски и да го платат данок на имот со цел да не се соочат со прислина наплата.

“Задоволни сме од наплата, во моментот на физички лица е околу 50%, а на правни лица е околу 55%“ – додаде Каров.

Средствата кои ги плаќаат граѓаните на име на данок на имот се инвестираат во изградба на нови тротоари, асфалтирање на улици, реконструкција на водоводна и канализациона мрежа, како и во нови спортски игралишта, детски катчиња и паркови.

Лаура Стојанова М-Нет