Одделението за физикална медицина во кочанската болница не е веќе ковид центар

Одделението за Физикална медицина при Општата болница со проширена дејност во Кочани повеќе не е ковид центар. Со намалување на бројот на новозаразени од корона вирусот, се намалува и потребата од ковид центри, па во кочанската болница за ковид пациенти останува само модуларната ковид . Овде моментално хоспитализирани се 29 ковид пациенти од кои 18 се на кислородна поддршка, а слободни се 6 кревети. Едно лице од Кочани ја изгубило битката с невидливиот непријател, во телефонски разговор за М-Нет телевизија посочи директорот на кочанската болница, Александар Серафимов. Во штипската клиничка болница хоспитализирани се вкупно 71 ковид пациент, од кои 38 во модуларната ковид болница и 33 на Инфективно одделение. Слободни се 31 кревет од кои 6 во модуларната ковид болница и 25 на Инфективно одделение без можност за кислородна поддршка. Повеќе од половината од пациентите, односно 53 се на кислородна поддршка, истакна потпаролот на Клиничка болница Штип, Марина Шуманска. Намалениот број на новозаразени пациенти од ковид 19, доведе до ситуаија и на благо олабавување на рестриктивните мерки, меѓутоа препораките за почитување на мерките и протоколите за заштита од невидливиот непријател остануваат на сила.

Според информации од Министерството за здравство, во земјата, досега, се направени вкупно 710.265 тестирања на Ковид-19.
Вкупната бројка на Ковид-дијагностицирани лица во нашата земја од почетокот на епидемијата изнесува 150.672, бројката на оздравени пациенти е 129.909, на починати е 4.714, а бројот на активни случаи изнесува 16.049 лица.

Лаура Стојанова М-Нет