Одбојкарот на Штип УГД, Давид Стојанов беше МВП на завршницата од Купот на Македонија, освојувајќи ја првата Куп титула, а втора на Штип УГД

Одбојкарот на Штип УГД, Давид Стојанов беше прогласен за најдобар играч (МВП) на завршницата од Купот на Македонија, кој се играше во Радовиш, со што Стојанов ја освои неговата прва Куп титула, а пак неговиот клуб стигна до втората Куп титула.

Стојанов во гостувањето во спортскиот магазин Трибина на М Нет телевизија истакна дека финалниот натпервар со Струмица и не бил така лесен, иако истиот заврши со 3-0 во сетови.

„Вака кога ќе размислам сега натпреварот не беше воопшто лесен, иако траеше во три сета беше околу час и 40 минути, премногу пресврти, премногу борба за секоја топка. Публиката донесе голем придонес бидејќи јас како што видов целата сала беше за нас, ако не се лажам, имаше некои одредени навивачи на Струмица, но мислам дека на крај сите се радуваа за нас“, вели Стојанов во гостувањето во Трибина на М Нет телевизија.

Стојанов вели дека не очекувал дека ќе биде прогласен за најдобар играч на завршницата од Купот.

„Не, не ни знаев дека има таква некоја награда за одреден играч. Јас прашав дали воопшто такво нешто постои ми кажаа дека не постои и на крај само ми рекоа ти си МВП и јас не знаев за што станува збор. Потоа кога водителот го нагласи тоа бев само зачуден и изненаден не знаев како да изреагирам“, вели Стојанов.

Натпреварот сепак имаше тежина во сите три сета, се играше поен за поен имаше често пресврти во секој сет.

„Сите три сета на свој начин тешки. Во првиот сет имавме разлика од 5 до 6 поени, но потоа на сервис на другиот техничар од екипата на Струмица ни се приближија ако не се лажам 20:20, па тука пак се одвојувавме па го победивме. Вториот сет исто беше со премногу пресврти поен за поен што се вика од 10:10 како што прочитав некаде и третиот исто. Тежина јас лично не осеќав, не сакам да кажам дека е наметната, но се осеќаше како притисок дека они лани го освоиле Купот како за првпат, па треба да се брани. Но, јас од таа игра што ја гледав од претходните два натпревари со Струмица, не гледав некој проблем дека ќе може да се случи да кажам изненадување, мислам изненадување се случи ние ја победивме Струмица со 3-0 мислам дека Струмица долги години таков натпревар со таков резултат“, додава Стојанов.

Штип УГД ја одбрани Куп титулата, а сега сака титула и од првенството со што би било освојување на двојна круна и тоа би било нов огромен успех за одбојката во Штип.

Александар Ванев, М-Нет