
Од утре ќе се пушти во употреба обиколницата од клучка Штип – Запад до клучка Штип – Југ. По речиси четири месеца пренасочен сообраќај низ Штип, сообраќајот ќе врати во нормала, а обиколницата ќе биде пуштена под времен режим. На денешниот увид Министерот за транспорт и врски, Благој Бочварски, напомена дека градежните активности се завршени во најбрз можен рок.
„Најавуваме дека обиколницата Штип, дел од експерсниот пат, од влезот на Штип до мостот на река Брегалница, од утре попладне го ставаме во употреба. Граѓаните на Штип, граѓаните на Југоисточниот регион, Радовиш, Струмица и сите околни општини, од утре попладне ќе можат да возат по нова, модерна и безбедна обиколница без притоа да мораат да влегуваат во градот. Практично со ова сообраќајот во Штип се враќа во нормала. Во однос на втората фаза од овој експресен пат, клучката кај Три чешми, би сакал да напоменам дека се работи интензивно согласно со определената динамика и очекуваме комплетно да биде завршен наскоро. Би сакал да потенцирам дека рокот за завршување на оваа делница е до април 2022 година, но доколку нè послужи времето во наредните 15 – 20 дена, оваа целосна делница до спојката со автопатот Миладиновци – Штип ќе биде завршена до крајот на декември“, истакна Бочварски.
Обиколницата Штип – Радовиш е во завршна фаза, а како што напомена Министерот Бочварски, целосно се очекува да биде завршена и пред предвидениот рок. Веќе завршената обиколница е проширена за поголема безбедност.
„Ширината на асфалтниот коловоз е 11,4 метри. Дебелината на асфалтниот коловоз е 15 цм, во два слоја. Коловозот е изведен како две сообраќајни ленти од по 3,5 метри ширина и две ленти за застанување од по 2 метри. На еден дел од делницата, пак, поради овозможување на влез и излез на индустриските капацитети се изврши рехабилитација на постоечкиот пат за непречено и безбедно одвивање на сообраќајот, се замени асфалтната конструкција и комплетно се рехабилитираше клучката Штип – Запад“, информираше директорот на ЈПДП, Ејуп Рустеми.
Оваа обиколница е во должина од 6 км. Втората фаза од клучка Три чешми до клучка Радовиш, пак, е во должина од речиси 17 км, за која издвоени се речиси 15 милиони евра финансиски средства. Вкупната должина на обиколницата Штип – Радовиш е 40,46 км.
Ребека Спасова МНет