Од утре забрана за спортски риболов во Националниот парк „Маврово“, новата сезона почнува во февруари

Од 1 ноември 2026 година завршува сезоната за спортски риболов на сите води во рамките на Националниот парк „Маврово“, информираат од установата.

Забраната за риболов ќе трае до 31 јануари 2027 година, а новата сезона ќе започне на 1 февруари и ќе трае до 31 октомври 2027 година.

Од Националниот парк ги повикуваат спортските риболовци и посетителите да ја почитуваат забраната и со одговорно однесување да придонесат за зачувување на рибниот фонд, заштита на водните екосистеми и одржување на природната рамнотежа.

Воедно, од установата им се заблагодарија на риболовците за досегашната соработка, почитувањето на законските одредби и поседувањето уредна документација, вклучително и риболовни дозволи, легитимации и соодветна опрема.

Посебна благодарност упатија за соработката за време на Светското крапско првенство, кога риболовците покажале високо ниво на разбирање кон организаторите, партнерите и вработените во секторот за заштита на паркот.

Од Националниот парк „Маврово“ им се заблагодарија на сите риболовци и посетители за разбирањето и соработката, повикувајќи ги и понатаму да придонесуваат во зачувувањето на природните богатства на паркот.

Текстот Од утре забрана за спортски риболов во Националниот парк „Маврово“, новата сезона почнува во февруари е превземен од МАКФАКС.