
Од септември годинава наставниците во основните и средните училишта нема да имаат потреба од внесување на податоци и оценки на учениците и во печатен и во електронски дневник, туку само во електронски дневник, информираат од Бирото за развој на образованието.
Наставниците веќе знаат да пополнуваат електронски дневник кој со години е дел од образовниот систем, велат од Бирото. Електронската евиденција ќе ја водат околу 25.000 наставници и професори. Во електронските дневници, освен оценките, ќе се внесуваат информации за изостаноците и активностите на учениците, додадоа од Бирото.
Со внесувањето на податоците и оценките само во електронскиот дневник се растоваруваат наставниците од двојна евиденција, а со евиденција во електронски дневник се модернизира и интегрира дигиталниот образовен процес кој е една од приоритетните цели на МОН.
„Сметаме дека најважно е, односно најдобро сценарио е наставата со физичко присуство со сите ученици, согласно со распоредите за почеток на наставата. Доколку има драстична промена во епидемиолошката слика, тогаш би требало да го промениме сценариото со хибридна настава – една недела во училиште, една онлајн. Третото најмалку посакуваното сценарио е да поминеме најголем дел од наставата онлајн. Очекувам дека ако сите ги почитуваат протоколите за настава со физичко присуство, ќе успееме и наредната учебна година да ја реализираме на тој начин. До денеска повеќе од 58 отсто од наставниците и соработниците во училиштата се веќе вакцинирани“, вели Mинистерката за образование и наука, Мила Царовска.
Лаура Стојанова МНет