
Од понеделник ќе се знае дали цената на такси услугата во Штип ќе се покачи согласно покачените цени на нафтените деривати. Претседателот на здружението на таксисти „Такси 2003“ Штип, Глигор Арсов истакна дека ќе почекаат во наредните неколку дена да ја согледаат ситуацијата со одлуките на Владата. Ако и понатаму прдолжи да расте цената на горивата, ќе расте и цената на такси услугата.
„Нормално дека ќе има покачување, туку ќе почекаме до крајот на неделата има некои најави од Владата дека ќе се превземат некои мерки, дали околу ДДВ или не знам. Да почекаме уште овие два три дена да видиме што ќе се случи. Ако не се намали цената на нафтените деривати очигледно дека од понеделник веќе ќе мора и ние подрастично да се движиме.“
Дополнително на ова ќе се бараат и измени во Законот за да не мора секоја одлука за цената на такси услугата да поминува на Седница на Совет. Бидејќи сегашната ситуација бара моментална реакција и воспоставување на цените за такси превозот.
Очигледно дека со законската регулатива имаме проблем бидејќи со ова темпо на промена на цените ние не можеме, а и Советот не може по наша желба секоја недела да заседава за промена на цените. Ќе бараме директно од Владата да го смениме комплетно членото во Законот каде ќе има либерализација на цената и да можеме самостојно како што го прават тоа бензинските пумпи, со секоја промена на светска цена да ја одредуваме цената на такси услугата“

Моменталната цена на такси услугата во Штип е донесена во месец март, каде стартот е 70 денари, плус 25 денари километар градска. Но, според Арсов ова е неисплатливо и согласно истото не може да се инвестира во нови возила.
Од друга страна од септември оваа година во Штип треба да се пушти и градскиот јавен превоз. За граѓаните од приградските штипски населби ова е од огромно значење, бидејќи такси услугата е скапа, а Штип како центар на Истокот има потреба од јавен превоз.
За разлика од Штип во Кочани веќе подолг временски период во функција е јавниот превоз кој се движи и до неколку кочански села.
Лаура Стојанова М-Нет