Општина Виница ќе го поништи одобрението за градба на мини хидроцентрала кај Блатец

Општина Виница ќе го поништи одобрението за изградба на мини хидроцентрала на реката Блатешница во виничкото село Блатец. Концесијата за експлоатација на водата е доделена пред 10 години, а одобрението пред седум. Според градоначалникот Миле Петков, рокот во кој требало да почнат градежните активности е истечен, па во тек е постапка за понишување на документот.

„Концесијата за експлоатација на водата е доделена во 2012 година од страна на Министерството за економија, а одобрението за градба Општина Виница го издала во 2015 година. Според законските прописи рокот за изградба на објекти од оваа категорија е две години. Во 2020 година била направена промена на инвеститорот, односно прво била фирма од Штип, а потоа од Кочани. И оттогаш поминале две години, но нема градежни активности што е констатирано при увид на теренот, направен од страна на градежен инспектор. Фактот што две години по правосилноста на одобрението не почнала изградбата, претставува законска основа за поништување на одобрението. Ние сме во таа фаза, за што веќе е известен инвеститорот и најверојатно ќе го поништиме документот“, истакна градоначалникот Петков.

Во однос на концесијата за експлоатација на водата, Петков потенцираше дека да ја поништи може оној кој ја издал, односно Министерството за економија.

Со поништувањето на одобрението ќе се излезе во пресрет на месното население кое е против изградбата на мини хидроцентрала. За ова, според Петков, има и законски аргументи кои локалната самоуправа ќе ги искористи за да одговори позитивно на барањата.

Жителите на село Блатец повеќепати излегоа на протести со став дека повеќе ќе имаат штета отколку придобивки, бидејќи резултатот ќе биде еколошка катастрофа.

Мини хидроцентралата е проектирана со моќност од 606 киловати, а според техничката документација не е планирано да се гради брана или зафат, туку водата до турбината да се спроведува со цевковод во должина од три километри.

Ребека Спасова М-Нет