
Од идеја на иселеникот Ацо Ангеловски до црква во родното село Софилари, чиј крст беше осветен и поставен денеска. Ангеловски црквата ја гради со своја рака, во летниот период кога се враќа во селото. Вели, со голема желба не е тешко да се работи, ама потребна е помош и од други луѓе за побрза градба на црквата. Целта е барем на празникот „Св. Јоаким Осоговски“ селото да се сплоти и собере на едно место.
„Идејата е да се спаси селото, да се вратат и сплотат жителите, ама некако слабо ни оди. Сѐ што е изградено е моја градба, сам сум инвеститор, пет – шест луѓе од селото ми помагаат“, истакна Ангеловски.
Денеска група верници беа присутни на осветувањето на крстот на црквата. Сопругата на иницијаторот, Весна Ангеловска, вели дека до овој чин дошло со Божја помош, лична заложба и поддршка од неколку физички лица.
„Идејата за црквата е од сопругот, тој имаше желба за изградба на црква за да го соедини народот. Почнавме да ја градиме во 2016 година, а денеска се осветува крстот на црквата со помош на фамилијата, донации од физички лица, успеавме да стигнеме до овој чин. Инаку, црквата е „Св. Јоаким Осоговски“ и се слави слава“, истакна сопругата, Весна Ангеловска.
„Мене фирмата ми е тука блиску фирмата и поради таа близина дојдов, гледам Аце беше вклучен во градбата на црквата, нешто со финансиска помош, нешто и со физичка работа дојдовме до овој степен. Благодарност до сите спозори што донираа тука, и парични средства, и со физичка работа за да можеме да го направиме овој Божји храм“, истакна Мито Николов, помагач во градбата.
Меѓутоа, сега на ред е работата во внатрешниот дел на црквата и нејзиното осликување. Помошта е секогаш добредојдена, велат сопружниците Ангеловски, но посилна е желбата и стремежот црквата да се заврши до крај.
Инаку, ова е единствена црква во штипското село Софилари, кое е оддалечено 6 километри од Штип. Празникот кој го празнува е на 29 август, а традиционалниот собор се одржува ден претходно, на 28 август.
Ребека Спасова М-Нет