
Со дефиле на културно-уметнички друштва од Берово, Србија и Хрватска вчера беше отворено 13. издание на ЕТНО ПЛОШТАД ФЕСТИВАЛОТ и Саемот на традиционални производи „Малешевијата на дланка“. Како што истакнаа од Општина Берово, Фестивалот и Саемот претставуваат нераскинлив спој на традиционалното со модерното, со што се создаваат крајни вредности. Манифестацијата ја отвори градоначалникот, Звонко Пекевски, кој посака викендов сите да уживаат во фестивалската програма и да се даде посебно значење на традицијата, продуктите, македонските песни и ора.
„Значи, Фестивалот беше отворен вчера со продефилирање на неколку културно-уметнички друштва. Дефилето започна со КУД „Димитар Беровски“ – Берово, имавме гости од Србија и Хрватска, кои заедно продефилираа низ центарот во градот. Подоцна, според програмата, беше и Фестивалот „Малешевско ѕвонче“ и подоцна имаше наша локална група која ги забавуваше младите до доцните ноќни часови. Имаше добра посетеност во градот, се надевам дека тоа ќе привлече многу повеќе туристи, ќе влијае врз развојот на локалната економија и особено на туристичката понуда од Берово“, вели Пекевски.
Вчеравечер беровчани и гостите во градот можеа да ги видат малешевските носии, исткаени од вредните раце на малешевските домаќинки, а на Саемот може да се вкусат традицонални локални производи и да се видат ракотворби и сувенири изготвени од врвни мајстори. Градоначалникот Пекевски смета дека за викендов е подготвена програма за сите генерации.
„Согласно со програмата си има настапи и на Тамара Тодевска, Камерниот оркестар… Мислам дека имаме, навистина, понуда за сите генерации, повеќе вкусови, да опфати повеќе љубители на музиката. Имаат можност да го посетат и Саемот на локални производи „Малешевијата на дланка“, така што верувам дека тоа е една сестрана туристичка програма која ќе привлече доволен број на туристи и можност за промоција и афирмација на општина Берово“, додава Пекевски.
На трите фестивалски вечери настапуваат играорци и уметници од земјава и пошироко, а главна ѕвезда на овогодинешниот ЕТНО ПЛОШТАД ФЕСТИВАЛ е Жељко Самарџиќ, кој ќе настапи во недела.
Ребека Спасова М-Нет