
Дербито на колото во Третата македонска фудбалска лига – Југ се одигра во Велес каде се соочија некогашниот прволигаш Борец и лидерот Големо Коњари, во меч каде лидерот со убедливи 0:3 полесно од очекуваното стигна до посакуваниот триумф и трите бодови кои го носат на патот кон баражот за Втора лига.
Гледачите на телевизија М Нет имаа ексклузивна можност во живо да го проследат дербито на колото меѓу Борец и Големо Коњари, во дерби каде гостинот односно лидерот повеќе ги посакуваше трите бодови и стигна до посакуваната цел.
Екипата на Големо Коњари веќе неколку сезони работи на подобрување на инфраструктурата и тимот, а плодот од целиот тој труд доаѓа оваа сезона, кога Големо Коњари има успешна сезона и игра допадлив фудбал кој може да го однесе во баражот за пласман во Втората македонска фудбалска лига.
На Градскиот стадион во Велес гостинот покажа карактер и моќ, но и повеќе желба за победа и освојување на трите бодови.
Големо Коњари прв стигна до водство откако во 29. минута домашниот голман Давид Димитриевски направи голема грешка и топката при избивањето ја додаде до противничкиот фудбалер Ерџан Ибраимоски, кој само лесно ја додаде до Мустафа Селманоски, кој ја смести топката во празната мрежа за водство на Големо Коњари од 0:1.
По примениот гол и „ладниот туш“ за домашната публика Борец се обидуваше да се стабилизира и да заигра подобро со цел брзо да израмни и да се врати во егал борба за трите бодови кои му се повеќе од потреби на патот кон експресно враќање во Втора лига.
Во финишот на првиот дел Големо Коњари направи контра откако Селманоски доби топка со која ја претрча одбраната на домашниот тим и лесно го совлада младиот голман Димитриевски кој беше немоќен во налетот на 29-годишниот искусен голгетер.
По две минути од вториот гол на Големо Коњари разиграниот лидер дојде до нова шанса, откако одново Селманоски имаше стопроцентна шанса, откако ја претрча цела половина на Борец сам дојде до пред голот на противникот во ситуација два на еден, кога и двајцата домашни фудбалери не можеа да го запрат 29-годишниот напаѓач на Големо Коњари, кој биеше непрецизно покрај голот, иако многу лесно можеше да ја смести топката за уште поубедливо водство.
На полувреме резултатот во Велес беше 0:2, па во вториот дел Борец влезе со два погодоци негатива и имаше пред себе тешка мисија.
На стартот од вториот дел судијата Ангелчо Ристов од Неготино покажа на белата тока за Големо Коњари, одговорноста за изведување на пеналот ја презеде Николче Касниоски кој погоди за убедливи 0:3. Во 73. минута Борец направи една добра акција низ одбрана на Големо Коњари, Јосиф Манасиев упати топката која стигна во нозете на капитенот Милан Чичевски кој биеше во момент кога одбраната му го затвори аголот, па топката се удри во Борче Макешоски сместувајќи ја топката во сопствената мрежа со што Борец намали на 1:3.
До крајот велешани се обидуваа и за втор гол, но не направија ништо освен да се соочат со голем пораз кој на крај може да се покаже и како клучен на патот кон пласман во баражот за Втора лига.