
Третолигашот Овче Поле од Свети Николе во пролетниот дел од Трета лига – Исток влегува со цел атак на првото место и со тоа да го повтори ланскиот успех, место во баражот кој обезбедува пласман во Втората македонска фудбалска лига.
Овче Поле минатата сезона играше бараж за влез во Втора лига, но беше убедливо поразен од Арсими од Чегране, кој направи историски успех со влезот во второлигашкото друштво, а овој бараж меч гледачите на телевизија М Нет имаа ексклузивна можност да го следат во живо преку директен пренос.
Од Овче Поле за М Нет велат дека во пролениот дел ќе атакуваат на висок пласман, на секој натпревар ќе одат на победа, со што ќе се борат до последното коло за да го освојат првото место и повторен бараж меч за пласман во Втора лига.
Стартот на подготовките во Свети Николе се уште не е закажан, од причина што се уште нема информации кога ќе стартува пролетниот дел од Трета лига – Исток.
До овој момент останува истиот тим од есенскиот дел, но од клубот за М Нет велат дека не се исклучува можност за промени во тимот односно засилување на дефицитарните позиции.
Од клубот велат дека 2022 година била повеќе од успешна за Овче Поле, бидејќи по долги години го освоија првото место и со тоа играа бараж за Втора лига, а исто така се зголемува бројот на дечиња кои се вклучуваат во школата и од каде започнуваат со своите први фудбалски чекори.
Се реконструира трибината на Градскиот стадион во Свети Николе, каде што ќе се монтираат и столчиња за да љубителите на фудбалот може достоинствено да го бодрат својот миленик. Моментално е во фаза на бетонирање односно реконструкција, столчињата се набавени и истите би требало да се монтираат со што трибината би имала поубав изглед во пролетниот дел од сезоната.
Лидер на табелата со 29 бодови е ланскиот второлигаш Осогово од Кочани, со по 23 бодови Овче Поле и Тиверија го делат второто место на табелата.