
Второлигашот Слога од Виница продолжува со засилување на тимот за неизвесната пролетна полусезона, во која Слога ќе атакува на сигурен и директен опстанок во Втората македонска фудбалска лига.
Денес во Виница беа промовирани Јован Дојчинов и Драган Паунов, кои доаѓаат во пакет од третолигашот Осогово од Кочани, екипа која е есенски првак во Трета лига – Исток и лански второлигаш.
Двајцата ќе ја засилат напаѓачката и средната линија и ќе бидат големо освежување за тимот предводен од Крсте Крстев.
32-годишниот Паунов има големо искуство со настапи во Втората македонска фудбалска лига, а во својата кариера покрај за Осогово има настапувано и за Каменица Саса, Гостивар и Тиверија.
19-годишниот Дојчинов има второлигашко искуство со настапите за Осогово во минатата сезона во Втора лига – Исток, а има настапувано за младите категории на штипска Брегалница.
Претходно, Слога ја засили одбраната и средината со Давид Бошески од Академија Пандев и Борче Ужевски од Кожуф.
Пролетниот дел Слога го отвара против Борец на домашен терен.