Обиколница, мост и нови резервоари – Штип со нов инфраструктурен развој

Инфраструктурниот развој на Штип продолжува со реализација на повеќе капитални проекти. Обиколница во должина од 3,2 километри, нови резервоари за вода и изградба на нов мост на реката Брегалница кај бањско-рекреативниот центар Кежовица се дел од планираните инвестиции кои треба да го подобрат сообраќајното поврзување, водоснабдувањето и целокупната инфраструктура во градот.

Новиот мост на реката Брегалница кај штипската Бања е дел од обиколницата која ги поврзува Пребег, Железничка и Плуждино.

Станува збор за капитална инвестиција на Општина Штип, вредна нешто повеќе од еден милион евра, со средства обезбедени од општинскиот буџет.

Проектот ќе овозможи подобро сообраќајно поврзување и полесен пристап до овој дел од градот, но истовремено ќе создаде услови за негов понатамошен развој.

Паралелно со инфраструктурните активности, Општина Штип изработува и детални урбанистички планови со кои треба да се овозможи плански развој на овој потег. Предвидено е просторот да биде наменет за повеќе функции – зона за домување, зона за лесна индустрија, како и зона за деловни објекти.

Со изградбата на мостот и новото сообраќајно поврзување, овој дел од Штип треба да добие нова развојна перспектива и да се отвори простор за нови инвестиции, домување и деловни активности.

Ева Тушевска, М-Нет