Обезбедена храна и топлина за животните во ЗОО паркот во Штип за претстојната зима

Од пред два дена, календарски настапи зимата. Овие три дена вклучувајќи го и денешниот се најкратките денови во годината, каде ноќта трае многу подолго од денот. И температурите веќе се намалени, па се чувствува и студот, како за луѓето така и за животните во ЗОО паркот во Општина Штип. Истите се привикнуваат на живот во секакви годишни времиња и на секакви температури. За зимскиот период којшто е на самиот почеток, има обезбедено храна, како и услови за нивно опстанување.
„Како и секоја година кога доаѓа зимниот период, ние се припремаме со храна, веќе имаме набавено храна, пченка, пченица, јачемен, а исто така набавуваме слама која се поставува во секое живеалиште како постилка и животните се спремни да ја минат зимата.“ – истакна Живко Тасев, директор на ЈП „Исар“ – Штип.
Исто така, во ЗОО паркот во Општина Штип, постојано доаѓаат нови жители, дел од донација, дел од зоолошката градина од Скопје. По заминувањето на мечето Теди од Штип, во Република Бугарија, каде што за прв пат почувствува што значи вистински живот, во неговиот кафез, се сместени два пауни, машки и женски.
Птиците кои исто така се жители на ЗОО паркот во Општина Штип, на минусни температури се затвораат во затворен простор, а инаку се навикнати да опстојуваат во секакви услови. Смртта најчесто настапува од старост,  освен кај некои животни кои се почувствителни на надворешните промени. Од пред 10тина дена, ЗОО паркот, е отворен за посета на граѓаните, иако се во помал број и секако со почитување на мерките и протоколите за заштита од Ковид–19.

Лаура Стојанова М-Нет