Предадена градоначалничката фотелја на новиот градоначалник на Општина Штип, Сашко Николов

Денеска се одржа примопредавањето на градоначалничката функција во Општина Штип. По последните официјални резултати од Државната изборна комисија, градоначалник на градот под Исарот со освоени 11477 гласови е Сашко Николов од Социјалдемократскиот сојуз. Во просториите на зградата на општината во Штип, на новиот градоначалник му беше врачено уверението, а истовремено за прв пат седна во градоначалничката фотелја. Настанот се одвиваше со целосно почитување на мерките и протоколите за заштита од Ковид-19.
„Денеска е специјален ден за мене, за тимот којшто работеше со мене, за сите наши сограѓани. Денеска ја примив функцијата градоначалник на Општина Штип. Штип продолжува да се развива, градот ќе добие еден нов карактер, карактер на вредни, чесни , одговорни и транспарентни институции, коишто ќе дадат огромен благодет за сите мои сограѓани“ – беше дел од изјавата на Николов.
Новиот градоначалник на Општина Штип, ја искористи приликата на предвремено да им ги честита  Новогодишните и Божиќни празници на сите граѓани.
Свое последно обраќање како Вд. Градоначалник на Општина Штип, одржа и господинот Јане Миланов.
„Пред се би сакал да честитам и да посам успех во работата на новиот градоначалник. Штип останува во исгурни раце, ова не е само изборен слоган, туку овие зборови од денес се преточуваат во дело. Во оваа прилика сакам да искажам благодарност за можноста која ми беше укажана да бидам вршител на должноста градоначалник“ – истакна господинот Миланов.
Предвремените избори за градоначалник на Општина Штип, се одржаа на 13 декември годинава, во време на пандемија со почитување на мерките и протоколите за заштита од ковид пандемијата.

Лаура Стојанова М-Нет