
Благој Сарафимов од вчера и официјално е назначен за командир на Полициската станица од општа надлежност при СВР Штип, крунисувајќи професионална кариера долга 27 години во Министерството за внатрешни работи.
Својата служба ја започнал како полициски службеник – водич на безбедносен реон во сообраќајната полиција. Во текот на кариерата извршувал повеќе одговорни функции, меѓу кои инспектор за недозволена трговија со дрога, виш инспектор во Центарот за известување и команда (ЦИК), а од вчера ја презеде функцијата командир на ПСОН Штип.
Покрај професионалниот ангажман, Сарафимов е познат и како успешен спортист во борење, освојувач на бројни медали, но и како голем хуманитарец. Досега повеќе од 60 пати дарувал крв, со што дал значаен придонес во спасувањето човечки животи.
Во приватниот живот е татко на три деца, а семејната традиција продолжува бидејќи едно од нив исто така е вработено во полицијата.
Со богато професионално искуство, спортски дух и докажана хуманост, од новиот командир се очекува успешно да ја предводи Полициската станица од општа надлежност во Штип и да придонесе за уште поголема безбедност на граѓаните.