Ново езеро под домот на Јосип од Штип, овојпат проблем – дефектот со Линија 1, надлежните на терен

Повторно езерце создадено веднаш до домот на Јосип од Штип. Вели во текот на вчерашниот ден просторот под неговата куќа бил претворен во езеро, се ширело неподнослива миризба па стравува дека станува збор за каналазација која тече во овој дел од градот. Долот во кој се собира водата се наоѓа меѓу населбите Баби и Дузлак во Штип, и истиот беше поплавен минатата година заради неисчистен канал за атмосферска вода.

„Вчера во раните утрински часови веднаш после Божиќ., се случи поплава пак во нашиот дол, и претходната година имавме ваква поплава во средината на декември. Имаше ветување од надлежните од Стипион дека ќе се исчисти долот и дека ќе се канализира водата, меѓутоа ништо од тоа. Овојпат не знам од каде наплив на вода, тоа беше вистинска река тука течеше и ужасно мирисаше на канализација, на фекалии. Ги баравме надлежните да прашаме што се случува, ама знаете како во недела ретко кој работи и не добивме никакво известување освен дека има некаков дефект“ – вели Јосип.

За проблемот одговор побаравме од надлежните. Од ЈП Исар велат дека настанатиот дефект со Линија 1 во текото на вчерашниот ден е виновник за езерцето создадено под куќата на семејството Јосимовски. Од ЈП Стипион потврдуваат за ситуацијата.

„Екипи на ЈП Стипион беа на лице место, а ги контактиравме и од ЈП Исар. Констатирано е дека водата не е од канализација туку од дефектот со Линија 1 кој го имаше во текот на вчерашниот ден. Овој канал е ставен во план, во зависност од активностите од годишниот план ќе се знае кога ќе почне да се работи на истиот. Треба да се направат дополнителни испитувања, овде има канализациони и водоводни цевки, треба да се направи само каналче за водата. Но, точно што, како и кога ќе се работи ќе се знае до крајот на неделата“ – истакна новиот в.д. директор на ЈП Стипион, Кирил Зајков.

Проблемот со насобирање на вода по домот на Јосимовски се појави зимото 2021 година, таму тече природна вода и потребно е да се најде начин како истата да не се собира на ова место и да може да тече.

Лаура Стојанова М-Нет