Новите мерки стигнаа порано од есента, мислењето на граѓаните поделено

Новите мерки, очигледно, стигнаа многу порано од есента. Истите беа донесени на 97-ма седница на Владата и се однесуваат на невакцинираните граѓани кои од 16 август нема да можат да влегуваат во угостителски објекти и да присуствуваат на масовни настани. Задолжителна редарска служба ќе контролира дали граѓаните поседуваат потврда за имунизација.

Мислењата на граѓаните во врска со мерките се поделени. На социјалните мрежи веднаш по седницата можеше да се забележи незадоволството. Многумина сметаат дека мерката е дискриминирачка со оглед на тоа што вакцините не се задолжителни. Граѓаните велат дека во нашава земја ова нема да функционира. Сепак, некои од нив се согласуваат со одлуките на МЗ. Главно, оние кои зборуваа за камерите на нашата телевизија беа вакцинирани, па сметаат дека секој треба да се одлучи на таков чекор.

На ваквата реакција на граѓаните на социјалните мрежи Министерот за здравство, Венко Филипче, одговори со статус на својот фејсбук профил. Тој се повика на функционалноста на ваквите мерки во други држави и посочи дека истите се за зачувување на јавното здравје.

„Јавното здравје и колективната заштита се приоритет, а мерките кои се донесени се исклучиво во таа насока. Тие не го „делат народот“, туку се нужни за заштита на граѓаните, здравствените работници и самиот здравствен систем. Овие мерки се применуваат во многу држави и веќе даваат резултат. Сертификатот за вакцинација станува секојдневие во повеќе земји од светот. Со цел да се стави под контрола рапидното зголемување на бројот на заразени и да се спречи преоптоварување на здравствените системи, земјите воведоа здравствени сертификати за непречено користење на јавните места и услуги.“

Тој додаде дека во нашата земја вакцинацијата е право на избор, но важноста на истата се потенцира со цел да се поттикнат оние кои се двоумат или имаат дилема околу вакцинирањето.

Ребека Спасова МНет