
Екипата на Светлост од Зрновци за новата сезона во Третата македонска фудбалска лига – Исток ангажираше дури 11 нови играчи. Светлост минатата сезона стана шампион во ОФЛ Кочани и со тоа стекна учество во Трета лига – Исток.
Во моментот во тек се санации на теренот во Зрновци со цел истиот да може да ги исполнува условите за настап во Трета лига – Исток, како што се реновирање на соблекувалните, поставување на нови кабини за резервни играчи, санирање на трибината и оградите.
Тимот на Светлост за новата сезона е комплетиран. Од Карбинци во пакет пристигнаа четири играчи, тоа се Филип Андонов, Јовица Ефтимов, Борис Донев и Бобан Давитковски, потоа тројца играчи од Малеш, Ристе Стефанов, Стеван Смилков и Ненад Савев.
Од редовите на Осогово пристигнаа Христијан Сенов и Иван Станојев, додека пак Михаил Јакимов и Влатко Коцев од Чешиново.
Станува збор за тим составен од млади талентирани играчи, надополнет со неколку искусни играчи.
Гиздовски за М Нет телевизија додава дека следната година е предвиден проект за доизградба на теренот со патеки за трчање и да се постават рефлектори.
Новата сезона во Трета лига – Исток ќе започне в недела, а во рамки на првото коло екипата на Светлост од Зрновци ќе гостува во Свети Николе кај екипата на Овче Поле.
Александар Ванев, М-Нет