
Новото половно возило кое го набави Општина Карбинци за потребите на администрацијата тема за препирки денеска меѓу власта и опозицијата. Од ОО на СДСМ Карбинци преку писмено соопштение потенцираат дека вакво возило можело да се набави со многу помалку пари, па бараат Антикорупциска да ја испита набавката на пасатот набавен од општината. Упатија низа прашања до градоначалникот Паунов.
„Општина Карбинци веќе два месеци молчи за набавка на половно, службено возило од марка фолксваген пасат произведено 2017 година, граѓаните заслужуваат одговор. Сакаме јавно да прашаме кој ја изготви техничката спецификација за набавка на половно возило, кој ја одобри тендерска документација, кој ја донесе одлуката за избор на најповолен понудувач и дали постапката за набавка е во согласност со законот за Јавни набавки. Виктор Паунов со пари на граѓаните на Општина Карбинци за 25 илјади евра набави половно возило со старост од шест години. На пазарот возило со вакви карактеристики може да се набави за цена од 15 до 18 илјади евра. Бараме антикорупциска и сите други институции да ја испитаат оваа набавка, и доколку има повреда на Законот да се покрене постапка за утврдување можна одговорност“ – велат од СДСМ Карбинци.
Во времето кога СДСМ беа на власт секоја година се трошеа пари за ново возило во кафеани, врати градоначалникот Паунов. Вели дека општината за сега е финансиски ликвидна и стабилна како никогаш до сега.
„СДСМ да одговори како секоја година кога тие беа на власт во Карбинци се трошеше по едно ново возило во кафеани за репрезентации? Оставија институција без основни услови за функционирање со милионски суми годишно потрошени пари за нерационални трошоци. Оваа Локална власт има реализација на програмата со над 90% успешност во капиталните проекти, а општината е ликвидна и стабилна финансиски како никогаш до сега. Карбинци ќе продолжи да работи успешно со подобрување на функционирањето и на животот на граѓаните по сите основи“ – врати градоначалникот Паунов.
Инаку, Паунов во текот на вчерашниот ден истакна дека новиот половен пасат е набавен за потребите на админстрацијата, бидејќи претходно возило било во лоша состојба.
Лаура Стојанова М-Нет