
Со пригодна свеченост, в сабота, во Делчево, ќе бидат отворени вратите на новиот современ градски пазар. Објектот е од големо значење за тамошните жители, бидејќи ќе овозможи продажбата на овошје и зеленчук и друг вид стока и производи од текстил и облека да се одвива во современи услови.
„Новиот градски пазар располага со 18 дуќани, 192 продажни пунктови, како и 4 санитарни јазли. Вкупната површина на објектот изнесува 2.408 м2 од кои 337,32м2 припаѓаат на затворениот дел со сопствени санитарии и влезови, а останатите 2070,9м2 се отворена површина, каде се сместени тезгите за продажба. На модерни тезги со обезбедени санитарни услови за поголема хигиена, под затворен простор и заштита од атмосферски влијанија, обезбедена дневна светлина со лексан-панел и вода во сите објекти со санитарни чворови, ќе се одвива првиот пазарен ден на новиот градски пазар.“ – велат од Општина Делчево.
Пазарниот саботен ден во Делчево привлекува купувачи и од соседните градови, како и од соседна Бугарија, кои производите ги купуваат по поевтини цени. Од оваа причина, според Општината, ќе има значење и на економски центар, а со цел обезбедување инфраструктура, планирана е и изградба на улици и тротоари во овој дел.
„Овој објект по своето значење е капитален и ќе овозможи развој на локалната економија, а со својот изглед и локацијата, ќе овозможи да се создадат атрактивни локации за нови градби и развој на овој дел од градот. Современиот градски пазар, освен што ќе оди во прилог на сите продавачи и купувачи и ќе им обезбеди современи услови на тргување, односно пазарување, тој ќе има значење и на економски центар не само во градот, туку и регионот, бидејќи Делчево, како погранично место е честа дестинација на гости од цела држава, но и од соседството.“ – додаваат од Општината.
Вкупната вредност на новиот градски пазар е 45 милиони денари. Од нив 50 проценти се средства инвестирани од Општина Делчево, а останатите се од Владата преку Агенција за финансиска поддршка на руралниот развој и преку Центарот за развој на Источно-планскиот регион. Со одлука на Советот, новиот градски пазар е даден на трајно користење на ЈКП „Брегалница“.
Ребека Спасова М-Нет