
Со нови паркинг места, зелени појаси и нови паркови и детски игралишта ќе се уредува населбата Сењак во Штип. Во наредниот период интезивно ќе се работи на реконструкција и модернизација на оваа населба – најави денеска градоначалникот Иван Јорданов. Посочи дека ќе се работи на заборавен простор кој во периодот што следи ќе биде целосно уреден и ставен во функција за жителите кои живеат во овој дел од градот.
„Во периодот кој следи на неколку локации во населба Сењак ќе се уредува запоставен и заборавен простор, површина околу станбени згради. Дел од овие површини ќе бидат уредени како паркинг површини за станарите од станбените згради, за жителите од околните објекти, а еден дел ќе бидат уредени во зелени појаси, во парковни површини на три локации во населба Сењак. Сѐ ова што се работи во следните неколку недели е во насока на урбанизирање и уредување на заборавени со години наназад површини.“ – вели Јорданов.
За предвидените активности се издвоени околу пет милиони денари. Уредувањето и модернизирање на населбата Сењак е потреба и барање на жителите кои живеат овде. Но, и самата големина на населбата бара нејзино урбанизирање и модернизирање, посочи Јорданов.
„Населба Сењак е една голема населба, транзитна населба која бара вакви урбани површини. Се надевам дека со активностите кои ги превземаме дека дополнително ќе го модернизираме изгледот на самата населба. Повеќе од пет милиони денари ќе бидат инвестирани на неколку локации во самата населба“ – додава Јорданов.
Јорданов посочи дека се работи во неколку населени места во градот со цел да се добие модерен и урбан лик, како и подобро место за живеење за граѓаните.
Лаура Стојанова М-Нет