
Нови машини набавува ЈП Исар за своите потреби. Во тек е јавната набавка за мултифункционално возило, два камиони и булдужер гасеничар. На ваков начин ќе се подобри функционалноста на претпријатието, а ќе се подобрат и услугите кон граѓаните. Директорот Александар Арсовски, истакна дека, недостиг од машини и кадар сегогаш ќе има, но се прават напори тоа да биде минимално, а со соодветна организација сите активности да бидат завршени навремено.
„Кадар и машини секогаш ќе недостасуваат, но со реорганизација успеваме да ги завршиме потребите на претпријатието. Паралелно правиме напори со општината да обновуваме дел од постојната застарена мехнизација. Во тек е нова јавна набавка за уште едно мултифункционално возило, набавка на два камиони, булдужер гасеничар со кои во голема мера ќе се задоволат потребите за уредување на градската депонија.“ – вели Арсовски.
Направен е и СКАДА сиситемот кој во голема мера ќе ги намали загубите на вода. Системот ќе овозможи мониторинг, контрола и управување на целата водоводна мрежа, со што ќе се детектираат и намалат загубите на вода, проблем кој се провлекува со годините наназад.
„Набавени се неколку возила, а направен е и проект за СКАДА системот кој треба во голема мера да ги намали загубите на вода кои се наследени од годините наназад. Тоа се сериозни чекори кои се преземени за овој релативно краток временски период. Искрено се надевам дека на долг рок ќе се покажат ефикасни“ – додава Арсовски.
ЈП Исар и претходниот период во соработка со Општина Штип работеше на набавка на нови возила, со кои услугите се извршуваат побрзо и поефикасно.
Лаура Стојанова-Ќирчов, М-Нет