Нова година, нови надежи: Ќе има ли добра 2025 година за Вардарски, Борец и Осогово кои се на дното на Втората лига?

ФОТО: Александар Ванев, телевизија М Нет

Денес кога сите со мислите се насочени кон новата година, многумина размислуваат за нови желби и нови почетоци. Како што луѓето се надеваат на подобро утре, така и спортските екипи кои се на дното на табелата во Втората лига, како Вардарски, Борец и Осогово, се соочуваат со предизвикот да се издигнат и да донесат нешто позитивно.

Овие три екипи зад себе имаат катастрофална есен, која ќе им донесе пеколна пролет кога е во прашање опстанокот во Втората лига. Засега не гледаме официјални промоции во нивните редови, ниту пак некакви најави, можеби чекаат да поминат празниците, можеби работат веќе на решавање на овие проблеми, но повеќе од јасно е дека кај овие екипи има многу работа. Треба многу промени или со еден збор комплетен ремонт.

Вардарски и Борец се на дното со по пет бодови, Осогово е над нив со осум бодови, секој бод во пролетниот дел ќе им биде важен односно собирањето на бодови ќе треба да го започнат уште од првото пролетно коло, секое поминато коло без бодови значи чекор назад кон испаѓање во Трета лига.

Од Борец веќе има едно заминување тоа е Давид Блажевски кој кариерата ја продолжува во третолигашот Пчиња, а пак од Осогово замина Фикрет Љиварека кој продолжува во амбициозниот третолигаш Шкендија Арачиново.

Но, според наши информации уште неколку играчи на Осогово веќе размислуваат и бараат нови средина, па во следниот период ќе очекуваме промени и тука.

Овие три екипи сериозно мора да размислуваат за засилувања, но ниту Вардар Неготино не е во сјајна ситуација и таму ќе треба квалитетни засилувања кои ќе направат стабилизација и ќе го однесат клубот кон директен опстанок. Во однос на Победа таму засега нема најавени засилувања, а тимот ќе се засилува во средниот ред што ќе води кон рано обезбедување на опстанок, бидејќи лани прилепчани преку бараж опстанаа во Втората лига.

Последните две екипи од Втората лига директно испаѓаат во Трета лига, а екипата која ќе заврши на 14. место ќе игра бараж за опстанок со шампионите од Трета лига.

Александар Ванев, М-Нет