Нов детски реквизит за Клонот „Развигорче“, повеќе содржини за сите дечиња од градинката

Клонот „Развигорче“ од Детската градинка „Вера Циривири-Трена“ доби нов детски реквизит, инвестиција на Општината вредна 1,5 милиони денари. Денеска официјално го претставија градоначалникот, Иван Јорданов, и директорката, Ивана Анѓеличкова. Јорданов посочи дека причината за ваквата инвестиција е повеќе насмевки и убави моменти за дечињата.

„Инвестиравме во еден детски реквизит во рамки на Клонот „Развигорче“, во дворот на детската градинка, кој ќе овозможи повеќе детски насмевки, радост, игра на дечињата коишто се згрижени во овој објект, нешто коешто доликува на услови за згрижување во 21. век“, рече градоначалникот Јорданов.

Директорката Анѓеличкова, пак, акцент стави на воспитниот дел, посочувајќи дека детскиот реквизит ќе биде во полза на наставните планови кои вклучуваат активности на отворено. Дополнително, кај децата ќе се развијат и моторички и когнитивни способности, вели таа.

„Покрај згрижувачката дејност којашто ја има една детска градинка, воспитниот дел исто така е главна дејност. Воспитниот дел не е само реализација на активностите во занималните, туку вклучува и реализација на наставни активности во дворовите, на отворено, а со вклученоста на дечињата и играњето на самиот детски реквизит ќе развиваме моторички вештини“, истакна директорката Анѓеличкова.

Во истовреме во Клонот „Развигорче“ се реализираат и реконструктивни активности за промена на кровната конструкција и поставување фотоволтаици. Градоначалникот посочи дека одредени градежни зафати ќе има и во внатрешноста на објектот.

„Во изминатиот период овде се инвестираше во реконструкција на кровната површина и поставување на фотоволтаични панели. Очекувам оваа инвестиција да биде завршена во наредните недели со тоа што ќе бидат ставени во функција фотоволтаичните панели коишто се на кровната конструкција. Тоа беше долгогодишен проблем којшто го нотиравме, затоа што беше доведен во прашање воспитно-згрижувачкиот процес во објектот. Дополнително, и во внатрешноста ќе се направат одредени зафати, реконструкции за да се подобрат условите во овој Клон“, посочи Јорданов.

Директорката Анѓеличкова посочува дека работата се менаџира соодветно, така што воспитно-образовниот процес се одвива без родителите и дечињата да почувствуваат проблеми. Вели оти за работа ги искористиле празниците, но исто така вршеле и комбинација на групите дечиња во занималните согласно со возраста.

Ребека Спасова М-Нет