
Сѐ уште нема одлука дали кај брана Гратче во Кочани ќе се изгради мала хидроцентрала. И покрај препирките, реакциите и потенцијалниот референдум, градоначалникот, Љупчо Папазов, вели дека уште ќе се анализира. Тврди дека како нова власт затекнале голем број издадени дозволи за градба, па се принудени да даваат дозволи за употреба. Сепак, ова прашање ќе подложи на дополнителни дискусии и разговори.
Инаку, Општина Кочани мораше да издаде одобрение, бидејќи инвеститорот ги имаше обезбедено сите потребни документи од надлежните министерства, што значи дека ги имал исполнето сите услови за почеток на градба на малата хидроцентрала. Тогашниот градоначалник велеше дека Општината е само следбеник и го исполнува она што по закон мора да се направи. Еколошките организации, пак, сметаат дека изградбата на хидроцентралите ќе нанесе непоправлива еколошка штета.
Хидроцентралата треба да биде лоцирана во заштитеното подрачје Осоговски Планини, на поток што се влева во вештачката акумулација Гратче, а кој во поголемиот дел од годината речиси пресушува.
Ребека Спасова МНет