Нема кој да работи овчар и покрај плата над 2000 евра, вели сточар од Лакавица

Плати од 2000 до 2300 евра месечно се нудат за овчари, а сепак нема кој да работи, вели сточар од Лакавица. И покрај добрите пари, тој објаснува дека работата е тешка, бара постојано присуство, рано станување и живот во планински услови. Според него, токму тие услови се причината што се помалку луѓе се нафаќаат на оваа професија.

„Нема, нема, нема. Епа нема не се исплаќа, овчарите земаат по 2000 евра месечно, некој земаат и по 2300 евра месечно. Јас сум сточар од 16 години, фамилијарен човек сум со три деца, тие три деца ги школувам. Имам искуство и од Европа, исто сточар сум работел. Абе месечно, околу 5000 евра, со овчар со се. Само овчарот зема 2000 евра, ветеринарни работи плаќаме, пашарина, ветеринарни услуги.“- Омер, сточар

Според него, трошоците за сточарството се големи, ветеринарни услуги, пашарина и други давачки, кои ја прават целата работа уште потешка. Иако на прв поглед платата изгледа примамливо, интересот за овчарството опаѓа. Затоа сточарот предупредува дека ако продолжи ваквиот тренд, ќе недостасуваат луѓе за една од најстарите професии.

Омер е дециден дека без работна сила, сточарството не може да опстане без разлика на платите што се нудат.

Дајана Сандева, М-Нет