
Министерството за образование и наука не обезбедило една третина од потребните учебници во основното образование. По минатогодишното доцнење на учебниците и констатацијата од Комисијата за спречување и заштита од дискриминација дека е направена продолжена дискриминација врз учениците, утврдено е дека годинава истата е од многу поголеми размери. Со сите учебници ќе бидат само учениците од прво и второ одделение.
„Од вкупно 126 учебници, потребни за сите задолжителни и изборни предмети во деветгодишното основно образование, на почетокот на оваа учебна година МОН не обезбедило 43 учебници, односно недостигаат 34% од учебниците. Само учениците од прво и второ одделение ќе имаат учебници по сите наставни предмети, на сите наставни јазици“, истакна Весна Бендевска, член на КСЗД.
Учениците од трето и шесто одделение ја започнуваат годината без ниту еден учебник по сите задолжителни предмети. Учениците кои наставата ја следат на албански, турски, српски и босански јазик од IV, V и VI одделение нема да имаат учебник по македонски јазик, иако им е задолжителен предмет. Дел од учебниците немаат одобрување, а друг дел иако се, како што вели МОН, во завршна фаза, мора да се преведуваат на сите наставни јазици.
„Учениците од VII, VIII и IX одделение оваа учебна година наставната програма ќе ја следат според старата програма и ќе ги користат старите учебници, освен учебникот по географија кој иако е одобрен не може да се користи поради „проблеми со преносот на материјалните авторски права со авторот“. За предметот историја за VII одделение (2 учебника), историја за VIII одделение и историја за IX одделение (2 учебника од различни издавачи) МОН „во моментов не нарачува дополнителен тираж заради историската комисија“.
На Комисијата ќе се одлучува за евентуална судска тужба за случај од јавен интерес односно за системска и продолжена дискриминација на учениците. Тоа би било прв случај КСЗД да побара судска заштита како највисока заштита од дискриминација.
Ребека Спасова М-Нет