
Во виничко Градец се реконструираат две улици, а проектна документација има за уште две. На увидот на градежните работи градоначалникот, Миле Петков, посочи дека се работи за подобра инфраструктура во ова населено место, а проекти има и за другите места од виничкиот регион.
„Извршивме увид на градежните активности за изградба на две улици во село Градец, за коешто можам да кажам дека е едно од најзапоставените места во општина Виница. За неполни две години ние успеавме да изградиме три улици, а дополнително имаме изработено проектна документација за уште две улици, коишто во наредниот период ќе бидат реализирани. На тој начин значително ќе биде подобрена сообраќајната инфраструктура во ова населено место“, истакна Петков.
Увидот се изврши во рамки на кампањата на ВМРО-ДПМНЕ, од каде претседателот, Христијан Мицкоски, ја поздрави работата на виничкиот градоначалник и оние кои ја поддржуваат неговата работа. Посочи дека бројката на проекти е голема.
„Навистина, голема е бројката на проекти коишто се во фаза на реализација и проекти коишто во периодот којшто следи ќе бидат реализирани. Сакам да ја искористам оваа можност да му честитам на градоначалникот, делот од Советот којшто ја поддржува работата на градоначалникот, исто така да ја истакнам и улогата на пратеникот којшто доаѓа од овде, од Виница, којшто секогаш се бори во рамките на Парламентот да даде амандман повеќе за да бидат обезбедени средства за проект повеќе“, вели Мицкоски.
Мицкоски ги охрабри да продолжат да реализираат вакви проекти и покрај беспарицата, намалениот буџет и опструкциите од Владата.
Ребека Спасова М-Нет