Нема да седиме настрана како кукавици, ако опозицијата бара предвремени избори, ќе одговориме позитивно и ќе победиме, вели Мицкоски

Граѓаните не сакаат избори, граѓаните сакаат реформи и континуитет на процесите коишто ги води оваа Влада, рече денес премиерот Христијан Мицкоски пред почетокот на Амбасадорскиот совет, но сепак остави можност да одговорат на предизвикот за предвремени избори ако опозицијата инсистира на тоа.

„Доколку опозицијата мисли дека се потребни предвремени избори, се разбира дека ние како кукавици нема да седиме настрана, туку ќе одговориме на тоа барање позитивно и се разбира дека ќе ги победиме“ рече премиерот Мицкоски и нагласи дека од граѓаните имааат легитимитет да бидат Влада четири години.

Веднаш по изјавата на премиерот се огласи Демократската унија за интеграција (ДУИ) од каде порачаа дека се подготвени за предвремени парламентарни избори.

„Го бараме тоа. Конечно и премиерот разбра дека оваа состојба е неодржлива и дека на државата ѝ е потребен нов политички мандат. Владата го загуби легитимитетот да продолжи со европската изолација, влошувањето на меѓуетничките односи, нарушувањето на Охридскиот договор и слабеењето на застапеноста на Албанците во институциите. Затоа ДУИ бара изјавата на премиерот веднаш да се претвори во конкретно дејствување“, велат од ДУИ

Од ДУИ бараат во наредните денови да се утврди најбрзиот уставен рок, да почнат изборните подготовки и на граѓаните да им се даде можност да одлучат за насоката во која ќе се движи државата. Сметаат дека нема причина за одложување доколку понудата на премиерот е сериозна.

По нив се огласи и Социјалдемократскиот сојуз од каде велат дека нема да бидат алиби на власта за предвремени избори. Сметаат дека премиерот треба да ги закаже оти има апсолутна власт, а тие ако партија уверуваат дека секојдневно се подготвуваат за избори и следниот месец ќе презентираат „Мастер план за Македонија“.

Текстот Нема да седиме настрана како кукавици, ако опозицијата бара предвремени избори, ќе одговориме позитивно и ќе победиме, вели Мицкоски е превземен од МАКФАКС.