Нема веќе цесија и компензација, фирмите со блокирани сметки не може да плаќаат со пресметка

Фирмите со блокирани сметки веќе не можат да плаќаат со компензација, асигнација, цесија и преземање долг. Според досегашното законско решение, фирмите кои имаат блокирана сметка можеа меѓусебните парични побарувања и обврски да ги намируваат преку компензација, асигнација, цесија и преземање долг, а ова требаше да престане да важи на 1 јануари 2019 година. Сепак, се направи измена со која се одложи престанокот, зашто Министерството за финансии увиде дека фирмите со блокирани сметки ќе се соочат со големи проблеми доколку им се забрани да ги плаќаат своите обврски на овој начин.

Примената почна да важи од 1 јануари 2024 година, па официјално субјектите од приватен и буџетски сектор со блокирани сметки не може да плаќаат со цесија, компензација. Согласно со член 183 став 7 од Законот за платежни услуги и платежни системи правното лице не може да врши плаќање со пресметка доколку има блокирана платежна сметка.

„Плаќање со пресметка е меѓусебно намирување на паричните обврски и побарувања помеѓу учесниците во платиот промет со компензација, асигнација, цесија, преземање на долг и други облици на меѓусебно намирување на обврски и побарувања. Во член 234 став 5 од преодните одредби од овој закон беше предвидена одложена примена на член 183 став 7, односно примената може да почне од 1 јануари 2024 година.“

Со Законот за платниот промет се уредуваат платниот промет во земјата, односите меѓу носителите нa платниот промет и учесниците во платниот промет, односите меѓу носителите на платниот промет и Народна банка на Република Македонија во делот за платниот промет, платните системи, порамнувањето на плаќањата, издавањето електронски пари и надзорот на платните системи.

Ребека Спасова М-Нет