
Деветнаесет години по трагичната смрт на Тоше Проески, споменот за македонската музичка легенда се уште жив, а болката од неговото прерано заминување не згаснува. Неговите безвременски хитови и денес се слушаат, потсетувајќи на еден глас што остави неизбришлива трага на македонската и балканска музичка сцена. Тоше беше многу повеќе од пејач, човек со големо срце и хуманост што го издвојуваа од останатите, велат граѓаните на терен во Штип. За многумина, тој беше вистински ангел на земјата, чие присуство носеше љубов, надеж и добрина. И по речиси две децении, неговите песни продолжуваат да живеат, а споменот за Тоше останува длабоко врежан во срцата на генерации граѓани.
Тоше Проески трагично го загуби животот на 16 октомври 2007 година, во тешка сообраќајна несреќа кај Нова Градишка во Хрватска, на само 26 годишна возраст. Веста за неговата смрт тогаш ја потресе Македонија и целиот регион, оставајќи зад себе неверување, тага и огромна болка. Замина еден од најголемите музички таленти, човек кој со својот глас, скромноста и хуманоста ги освои срцата на милиони луѓе. И денес, 19 години подоцна, неговите песни се уште се пеат, неговиот лик се памети, а неговото дело продолжува да живее. Затоа што Тоше можеби физички не е меѓу нас, но преку музиката и љубовта што ја остави зад себе, тој засекогаш останува дел од сите нас.
Иван Митев, М-Нет