Некои второлигаши одат кон „затварање“ на трансфер пазарот, некои доправа ќе се активираат

Трансфер пазарот кај некои второлигаши оди кон затварање – Детонит Плачковица по промоцијата на петте играчи Тони Мирчевски, Тони Мичковски, Павел Петревски, Омер Сулејмани и Љупче Христовски, не ја исклучува можноста за уште две засилувања и така да се комплетира ростерот за пролетниот дел.

Слично ќе биде и со Брегалница, таму веќе беа промовирани Бојан Рајков и Јорданчо Наумоски, а тимот од Штип преговара за едно до две засилувања и со тоа да се затвори трансфер пазарот.

Во тимот на Кожуф се очекува едно до две засилувања и затварање на трансфер пазарот. Тимот претходно се засили со Александар Богданоски, Филип Тодороски, Ристе Лембовски, Давор Богевски, Лука Варешаноски, Давид Ивановски и голманот Антонио Шемковски, а дополнително второлигашот од Гевгелија се успеа да ги врати голманот Борче Картов кој ќе биде прва опција меѓу стативите и Томица Петров.

Беласица по промоцијата на Виктор Делов, Давид Ристовски, Благој Стојанов и Гордан Дамчевски ќе биде активна на трансфер пазарот и натаму со тоа што клубот е во потрага за најмалку уште едно засилување.

Саса промоцираше две засилувања, Филип Николовски и Михаил Танчев, а тимот во следните денови би требало да промовираше уште неколку засилувања за пролетниот дел, што значи дека второлигашот од Македонска Каменица ќе биде активен на трансфер пазарот во следниот период.

Охрид веќе речиси и го затвори трансфер пазарот, со оглед дека го сочува ростерот и донесе две засилувања, а Шкендија Арачиново по серијата заминувања донесе и доста нови засилувања, па можно е да се очекува уште некое засилување во овој тим.

Скопје води преговори и се очекуваат уште две до три засилувања, а се водат преговори за поискусни засилувања, па така трансфер пазарот во Автокоманда е отворен и натаму.

Активни на трансфер пазарот ќе треба да бидат Вардар Неготино и Победа во трката да се стигнат до бараж за опстанок, а Тетекс ќе има едно до две засилувања со фокус на младите играчи, а се очекува и Слога Виница да договори некое засилување по серијата заминувања од тимот.

Александар Ванев, М-Нет