
Стартуваше пролетниот дел во Првата одбојкарска лига во машка конкуренција со натпреварите од првото коло на плеј-офот и плеј-аутот.
Освојувачот на Купот на Македонија, Штип УГД со убедлива победа ја започна 2026 година, откако на домашен терен воопшто не виде мака и како на тренинг меч го декласираше Сушево со резултат од 3-0 во сетови.
Уште во првиот сет беше јасно дека штипјани лесно ќе го добијат тимот на Сушево, кога првиот сет заврши со 25:15 за тимот од градот под Исарот. Во секој нареден сет актуелниот освојувач на Купот на Македонија предводен од тренерот Кристиан Ристески беше убедлив.
Во вториот сет Штип УГД беше подобар со 25:14, а пак третиот сет заврши со висок резултат за штипјани над Сушево со 25:13.
Одбојкарите на Борец пак со 1-3 во сетови го доби Работнички во гости. Првиот сет го доби гостинот до 16:25, а во вториот подобар беше скопскиот тим со 25:20 за 1-1 во сетови. Следните два сетови му припаднаа на Борец со 15:25 и 20:25.
Натпреварот меѓу актуелниит шампион Струмица и Универзитет во Тетово е одложен и ќе се игра во друг термин.
Во плеј-аутот исто така беа одиграни два меча, а натпреварот меѓу Македонија Џио и Весна Пробиштип беше одложен и ќе се одигра во нов термин.
На останатите два меча беа забележани убедливи домашни победи. Лирија со 3-0 во сетови ја декласираше Јанта Волеј со 25:16, 25:14 и 25:18.
Победа со 3-0 во сетови низ доминација во трите сета славеше и Шкендија над Скопје, со 25:17 во првиот сет, убедливи 25:11 во вториот сет и 25:21 во третиот сет.
Александар Ванев, М-Нет