Невремето во Лозово остави огромни штети, Општината има мал буџет – ќе помогне ли државата?

Лозови насади, овоштарници, житарици, движен и недвижен имот претрпеа штета во невремето кое во два наврати ја зафати општина Лозово. Дел не може ни да се спаси, друг дел мора да се обновува. Родот сериозно ќе се намали во следниов период, велат земјоделците, а на имотот има сериозни штети, согласни се жителите.

Општината засега не може да констатира за колкави штети станува збор, бидејќи истите дополнително ќе се утврдуваат. Советот на денешната вонредна седница формираше две комисии, кои ќе ги утврдуваат штетите во земјоделството и штетите на имотите.

„Имавме две точки на дневен ред за проценка на штета причинета од невремето кое ја зафати општина Лозово. Ќе бидат формирани две комисии. Првата ќе биде од два тима за проценка на полска штета, штета на земјоделски површина. Втората ќе биде од еден тим, кој ќе излезе на терен по пријави од граѓани за проценка на движен и недвижен имот“, истакна градоначалникот на Општина Лозово, Бошко Цветковски.

Сепак, Општината со малиот буџет не може да излезе во пресрет на сите оние кои претрпеле штети. Одреден фонд ќе се користи за најзагрозените семејства, а другиот дел ќе се бара од државата.

„За ваквите семејства, имаме некој фонд и ќе може да излеземе во пресрет. Ова и уште едно има во с. Сарамзалино, со програмите имаме некој фонд и се надеваме дека барем на ранливите категории ќе излеземе во пресрет“, истакна претседателот на Советот на Општина Лозово, Владе Миланов.

„Ние како Општина имаме многу мал буџет и, за жал, немаме можноста да помогнеме. Ако се земе предвид фактот дека 90% од луѓето егзистираат од земјоделие, тоа го донесовме и како заклучок на Совет, треба да побараме од Министерот за земјоделие и од Претседателот на Владата да свикаат вонредна седница на која ќе се дискутира и ние ќе ги елаборираме проблемите“, додава Цветковски.

Оштетените велат дека само може да ги очекуваат понатамошните одлуки на Општината, меѓутоа сметаат дека помошта е неизбежна, бидејќи многумина земјоделци би останале на „раб на езгистенција“. Семејствата, пак, кој претрпеле штета на движниот и недвижниот имот велат дека за обнова ќе треба многу време и многу финансиски средства.

Ребека Спасова М-Нет