
Убави и емотивни моменти во Општата болница во Кочани. Само за два дена, на Гинеколошко-акушерското одделение по природен пат на свет дојдоа седум бебиња – четири машки и три женски.
Информацијата ја сподели директорката на Општа болница Кочани, Катерина Мирчовска, која посочи дека ова е уште една убава вест за болницата и за целиот регион.
Особено радува фактот што сите седум породувања биле по природен пат, а кочанското породилиште повторно испраќа порака дека во него секојдневно се испишуваат најубавите животни приказни – оние со првиот плач на новороденчето и најголемата радост за семејствата.
Од оваа година, во кочанската болница работат тројца специјалисти по гинекологија и акушерство, што дополнително создава услови за квалитетна грижа за идните мајки и нивните бебиња.
Од болницата се надеваат дека позитивниот тренд ќе продолжи и во периодот што следува, со уште повеќе породувања и уште повеќе бебешки плач што ќе се слуша низ кочанското породилиште.
Седум бебиња за два дена – седум нови причини за радост и седум семејства со најубавиот подарок.