Најдобриот стрелец во женскиот ракомет – штипјанката Марија Анчева го засили ЖРК Ѓорче Петров 2

Најдобриот стрелец во историјата на женскиот ракомет, штипјанката Марија Анчева е ново засилување на ЖРК Ѓорче Петров 2. Искусната ракометарка ќе биде голем адут на тимот од Скопје кој ќе конкурира за висок пласман, а трансферот на Анчева доаѓа откако се раздели со Астибо, откако клубот од Штип одлучи да не продолжи со натпреварување во Супер лигата поради финансиски проблеми и се врати во Првата лига, иако имаше изборено опстанок во елитата.

32-годишната ракометарка настапува на позицијата лев бек, а низ кариерата покрај за Астибо настапуваше и за Кожувчанка, Гевгелија, Овче Поле СУ, како и за Пелистер, каде со битолскиот клуб играше и во европската сцена.

Анчева минатата сезона беше убедливо најдобар стрелец во Супер лигата со постигнати неверојатни 252 погодоци, единствена ракометарка која ја надмина границата од 200 погодоци, со што имаше дури 78 погодоци повеќе од ракометарката на Спартак, Зорица Андовска која постигна 174 погодоци.

Новиот клуб на Анчева ќе цели на позициите кои водат кон излез во Европа, а со ангажирањето на штипјанката која е најдобар стрелец на Балканот со над 5.000 постигнати погодоци тогаш дефинитивно скопскиот клуб оди кон оставарување на целите.

Покрај искусната Анчева, во Ѓорче Петров 2 пристигнаа и Савица Мркиќ Стојанов, Ангела Цветановска, Меланија Јовановска и Дарија Наумоска, а беше продолжена соработката со Габриела Божиноска, Марија Димоска, Софи Гошевска, Сара Илиоска, Бојана Павловска, Теодора Спасоевска, Сара Ристовска, Мирјана Наумоска, Симома Блажеска, Миа Маринчов, Јана Петровска, „лавиците“ ставија потпис за продолжување на соработката и со Михаела Димитриевска, Бојана Ѓеорѓиевска, Ева Ѓорѓиевска, Тара Аврамоска и Антонела Ѓероска.

„Лавиците“ минатата сезона завршија на второто место во Првата лига, а потоа во баражот го совладаа тимот на Пелистер и обезбедија влез во елитата.

Александар Ванев, М-Нет