Натрапници повторно работат на случајот, се приклучуваат на диво на водоводната мрежа во Штип

По активностите преземани од страна на ЈП „Исар“ и Општина Штип за да се исклучат дивите приклучоци на водоводната мрежа која го покрива целиот град под Исарот, не помина долго време а натрапниците повторно работат на случајот. Водоводната мрежа во Општина Штип е стара 50 тина години, но ова не е единствената причина поради која повисоките места чувствуваат слаб притисок на вода, а дел од нив се оставени и сосема без капка вода во славините. Всушност дивите приклучувања на водоводната мрежа дополнително го оптоваруваат системот и го намалуваат притисокот на вода. Денеска уште рано изутрина можеше да се забележи група на граѓани кои работат на случајот. Бидејќи претходно биле исклучени од водоводната мрежа тие решиле сами и повторно на диво да се приклучат. Луѓето можеа да се забележат на местото познато за штипјани како „бунарот во населба Леваци“. Се очекува во текот на утрешниот ден детално да се работи на случајот и да се најде решение со кое ќе се спречи ваквото диво приклучување на водоводната мрежа и создавање дополнитгелни проблеми.