Муамед Сејдини со нов мандат – претседател на ФФМ до 2025 година

Во присуство на високите преставници на УЕФА Зоран Лаковиќ и Денис Бастари на денешното Изборно Собрание Муамед Сејдини беше реизбран на функцијата Претседател на ФФМ до 2025 година. Со самото присуство на високите европски функционери и големата подршка кои ја дадоа, паднаа во вода сите оние шпекулации и задкулисни игри за статусот на ФФМ со што денес фактички се „ бетонираше“ Муамед Сејдини на чело на ФФМ. Благодарејќи на одличната соработка на Мнет ТВ со ФФМ еве го во целост соопштението од ФФМ до нашата редакција.

  • „Муамед Сејдини е избран за претседател на Фудбалската федерација на Македонија со мандат од 2021. до 2025. година. 

На Редовното Генерално Изборно Собрание на Фудбалската федерација на Македонија присуствуваа 52 од вкупно 53 делегати и сите му дадоа поддршка на актуелниот прв човек на македонскиот фудбал. 

Свое обраќање до присутните на Собранието на Фудбалската федерација на Македонија имаа високите гости од УЕФА, Зоран Лаковиќ, директор на Национални асоцијации, а во видео изјава изборот на Муамед Сејдини му го честиташе и претседателот на ФИФА, Џани Инфантино. 

– Честа да се биде претседател на Фудбалската федерација на Македонија е голема. Вашата поддршка ме обврзува да продолжам да го давам својот максимум за развој на македонскиот фудбал. 

Годината 2020. на фудбалски план ќе ја паметиме по нашиот најголем успех и пласманот на нашето прво Европско првенство. Потврдивме дека кога се работи искрено и мотивирано резултатите не изостануваат.

Во тој правец ќе продолжиме и во следниот период. На најдобрата репрезентација им ги овозможуваме најдобрите услови за работа, а поголем мотив за нив од настап на Европското првенство мислам дека не постои. Им посакувам многу успех во Букурешт и Амстердам и дај Боже одново да се радуваме на големи резултати.

Поддршка, техничка, финансиска и логистичка, како и досега ќе добијат и сите други национални селекции. Тоа е нашата репрезентативна база и ќе продолжиме да ги надградуваме младинските селекции и Академијата на ФФМ.

Фудбалската федерација на Македонија секогаш ќе ја помага својата база. А, Општинските фудбалски Сојузи се нераскинлив дел од нашето семејство. Ве повикувам да разговарате, да се борите, да работите заеднички.

Ги повикувам и охрабрувам клубовите од Македонската лига. Вклучете се активно во организацијата на натпреварувањата. Како и досега, секогаш ќе ја имате мојата и поддршката на федерацијата за формирање на Ваше здружение за организација на натпреварите.

За тој чекор, ниту некогаш сум бил противник, ниту ќе бидам. Тоа е натпреварување на клубовите и доколку сметате дека треба да го организирате преку свое здружение ја имате мојата целосна поддршка. ФФМ ќе помогне во таа насока на начин на кој заеднички ќе одлучиме.

Додека јас сум претседател на оваа федерација, чесноста и отвореноста ќе бидат особини кои нѐ красат. Вратата на Фудбалската федерација секогаш ќе ви биде отворена.

Дајте Ваш придонес да бидеме горди на репрезентацијата, да бидеме горди на младите селекции, да бидеме горди на нашите клубови, нашите тренери, судии, фудбалски великани.

Денеска е големиот христијански празник – Прочка.

Јас сум муслиман, но и во нашата вера, откако ќе прости, човекот ќе има кроткост, трпение, смирение и човекољубие. Простете ако грешев.

Ви посакувам здравје и успех. 

Муамед Сејдини – претседател на ФФМ

На адреса на новото раководство на ФФМ на чело со Муамед Сејдини веќе пристигнуваат голем број на честитки за успешна работа во натамошниот период а дел од заслугите им припаѓа и на штипските членови на Управниот Одбор кој издејствуваа помеѓу останатите и голем проект за изградба на модерна трибина на „градски“ во Штип.

Драги Герасимов – Пушка Mnet.mk