
Со настанот „Младите и Италија – една инспирација, многу приказни“, традиционално Катедрата за италијански јазик и книжевност ја одбележува Неделата на италијанскиот јазик. Студенти од Филолошкиот и Технолошко – техничкиот факултет, како и од Музичката и Ликовната академија со свои креации, уметнички и музички дела беа дел од чествувањето. Според Амбасадорот на Република Италија, Андреа Силвестри, со ваквите настани соработката се продлабочува.
„Станува збор за еден мултидисциплинарен настан којшто ќе имате можност сега да го проследите. Насловот на овој настан е Италија како инспирација за многу приказни, значи студентите црпеа инспирација од јазикот и културата на Италија, кој е мост на различните култури“, истакна Силвестри.
Од соработката е задоволен и ректорот на Универзитетот во Штип, Дејан Мираковски, кој посочи дека со ваквите активности им се нудат многу можности на студентите. Италијанскиот јазик е интересен за младите, потврдуваат и професорите на Катедрата, на која во моментов студираат педесетина студенти. Сепак, стремежот е италијанскиот јазик да се воведе и во основните и средните училишта.
„Ваквите соработки се основа за развојот на сите катедри, бидејќи овозможуваат размена на искуства, промоција на активностите, потоа движење преку различни програми за размена на студенти, продолжување на студирањето на италијанскиот универзитет“, истакна Мираковски.

„Настанот е еден во низата настани коишто Катедрата ги организира во рамки на Неделата на италијанскиот јазик. Но и во текот на годината организираме уште многу настани. Секој од студентите ќе може да ја пренесе својата прецепција за Италија на различни начини“, истакна доц. д-р Јована Караниќиќ Јосифовска, универзитетски професор.
Студентите од Катедрата за италијански јазик читаа песни на италијански јазик од млади автори, своите модни креации ги претставија студентите од Техничко – технолошкиот факултет, потоа од студентите од Ликовната академија ги претставија своите слики, а од Музичката академија ги презентираа музичките дела на големите италијански композитори.
Ребека Спасова М-Нет