
Населбата Железничка и официјално се поврзува со главниот колекторски систем во градот. Инвестицијата вредна повеќе од 30 милиони денари е потребна веќе три децении, колку што е и барање на жителите. Освен канализациската мрежа, овде ќе следи асфалтирање, како и уредување на тротоарските површини.
„Со годините наназад секогаш кога сме комуницирале со жителите оваа населба, како најгорчлив проблем го посочувале поврзувањето со колекторскиот систем и поставување фекална канализациска мрежа. Освен овие активности коишто, еве, денес се завршуваат, во самата населба деновиве очекувам да се започне со уредување на влезот на населбата, тротоарските површини и асфалтирањето на оние краци кои се оштетени од работните активности, ќе бидат изреализирани“, рече Јорданов.
Во следниов период овој проект ќе го опфати и делот Долна Железничка, па ова ќе значи подобрување на условите за живот за околу 250 објекти на физички и правни лица.
„Очекувам и во Долна Железничка, населбата којашто во минатото била заборавена, десетина домаќинства исто така да бидат поврзани со колекторскиот систем и десетина стопански капацитети, односно индустрија којашто досега не била поврзана. Вкупно околу 200 домаќинства и педесетина стопански објекти со оваа инвестиција ќе бидат поврзани и проблемот којшто со годините наназад се провлекувал, конечно се решава“, додава Јорданов.
Догодина Јорданов очекува да се започне и со проектот за Обиколница којашто ќе почнува од влезот до населбата Железничка, преку населбата Пребег до населбата Плуждино, со што ќе се намали сообраќајниот метеж.
Ребека Спасова М-Нет