Наместо украс за градот, фонтаната на плоштадот во Штип е место за отпад и непријатна миризба

Наместо убава слика на градот, фонтаните во Штип се места за смет и извор на непријатна миризба.

Граѓаните се разочарани од непријатната слика во централното градско подрачје и сметаат дека токму тој дел треба да биде одржуван и функционален. Фонтаните, според нив, се извор на свежина и пријатна слика. Вака нефункционални, пак, само се претвораат во депонија. Тие сметаат дека надлежните треба да се позанимаваат со вакви проекти. Доколку е невозможно да останат фонтани, пак, подобро е да бидат хортикултурно уредени. Сепак, согласни се дека местово треба да се среди на некаков начин.

„Па треба да функционира, баш сега кога е потребно. Не знам што е работата. Треба одговорните да се погрижат.“

„Нормално, нешто кога било, а сега го нема и не фунционира, не е убаво.“

„Да има вода, луѓето да поминуваат, да се освежуваат. Одамна нема вода тука, а треба да има. Градот да биде малку поубав.“

„Самата камера кажува дека има и ѓубре, не се одржува, не е чисто.“

За ова одговор побаравме од директорот на ЈП „Исар“, Здравко Коцев. Во телефонски разговор за М Нет Телевизија тој истакна дека фонтаната во централното градско подрачје во Општина Штип е најскапата во Европа, но не даде конкретен одговор дали истата ќе биде повторно пуштена во функција или не.

„Оваа фонтана е доста скапа инвестиција. Се обидов да преземам активности за нејзино повторно пуштање во функција, но за поправка на истата ми бараа 25 илјади евра“, додаде Коцев.

Лаура Стојанова МНет