На извиднички камп учениците од ООУ „Димитар Влахов“ се стекнаа со извиднички вештини

Извиднички камп за децата од ООУ „Димитар Влахов“ организираше ИО „Еквинокс“ од Штип. Преку тимска работа и насоки од страна на извидниците и волонтери, учениците се стекнаа со извиднички вештини и научија нешто повеќе за придобивките кои ги нуди извидништвото. Токму ова беше и целта на ваквата активност.

„Целта на овој камп е да се подигне свеста за поврзаноста меѓу децата и природата. Нашата цел е по овој камп со кампувањето со другарчињата, тие да може да стекнат вештини со коишто ќе може да се снајдат во природа. Исто така, сакаме да се подигне тимскиот дух со заедничка работа, работа во групи. Тие ќе може да научат повеќе вештини, како што е пионерството, ќе може да научат врзување јазли, безбедно палење огништа“, истакна Борјан Андов од ИО „Еквинокс“.

Активноста е резултат на соработката и потпишаниот Меморандум меѓу Извидничкиот одред и училиштето, за што директорката, Невенка Величкова, посочи дека е од огромна важност. Ова е една од активностите во областа на неформалното образование, кои секако даваат одлични резултати и во образовниот процес, посочи Величкова.

„Денес сите сме сведоци дека во нашето училиште се случува еден настан каде што формалното образование се надополнува со неформалното образование и тоа, секако, дава поголеми успеси и подобри резултати во образованието. Денес овој камп е резултат на едногодишната соработка, неколкуте активности и, секако, потпишаниот меморандум со ИО „Еквинокс“ од Штип. Морам да кажам дека огромна благодарност упатувам и кон младите волонтери од УГД и Гимназијата „Славчо Стојменски“ кој преку проект го поттикнуваат извидништвото и волонтерството кај младите во земјава“, истакна Невенка Величкова, директор на ООУ „Димитар Влахов“ – Штип.

Ова е прв ваков камп организиран за деца кои не се извидници, иако примарната активност на „Еквинокс“ е организација на низа слични настани, на кои присуствуваат само извидници.

Ребека Спасова М-Нет