
Во пробиштипското село Пишица осветени темелите на новиот храм кој ќе го носи името „Св. Троица“. Тамошните жители, но и луѓе кои се родум од таму денеска беа дел од осветувањето на темелите, на кое присуствуваше Митрополитот Брегалнички, г. Иларион, а кој посака храмот да биде изграден за брзо време со помош на добронамерни граѓани, а за Божја слава.
„Овој ден го создаде Господ да се радуваме и да се веселиме на него. Како што во секое семејство кога ќе се роди нова рожба има преголема радост, така и овде има радост, бидејќи има место каде што сите луѓе ќе доаѓаат, ќе го слават Бога и ќе му се молат на Бога, ќе си ги кажуваат своите молитви, ќе бараат од Бога што им е потребно. Ги повикувам сите луѓе добронамерни, благочестиви, христољубиви, кој колку и како може да помогне, бидејќи овој храм е од сите, за сите, на сите и останува за сите“, порача г. Иларион.
Темелите, но и изградбата на храмот се потпомогнати од општествено-одговорни компании како и хумани граѓани, коишто дадоа финансиски придонес. Ги повикаа сите останати правни субјекти, коишто имаат желба да помогнат во уредувањето на ова место.
„Посебна чест и задоволство за нас како општествено-одговорна компанија да учествуваме токму во почетокот на овој богоугоден, свет храм за сите“, истакна Сашка Моневска, основач и управител на ресторан „Амбиент“.
„После наши долги размислувања, напори правевме. Немавме локација, па најдовме, најдовме донатори, сите да ги позлати Господ“, истакна Влатко Илиев, жител на с. Пишица.
За жителите на с. Пишица кои во голем број беа присутни денес ова е голем настан, бидејќи досега ваков храм немале.

Инаку, новиот храм е посветен на „Св. Троица“, бидејќи тамошните жители го слават овој празник како селска слава.
Ребека Спасова М-Нет