На Ива Михајлова ќе ѝ се суди во отсуство, следното рочиште закажано за 9 ноември

Судската постапка против Ива Михаилова ќе продолжи и без нејзино присуство во судницата. Основниот суд во Кочани донел решение за судење во отсуство, по предлог на Основното јавно обвинителство, бидејќи обвинетата во моментов не им е достапна на надлежните органи.

Следното рочиште е закажано за 9 ноември 2026 година, со почеток во 9 часот.

Според досега објавените информации, Михаилова na 111 октомври ја напуштила Македонија и заминала во Бугарија. На 13 октомври по неа била распишана меѓународна потерница, откако било утврдено дека не е достапна на домашната адреса и дека не ги почитувала определените мерки на претпазливост.

Претходно, судот ѝ определил мерки што вклучувале одземање на патните исправи, забрана за напуштање на Кочани и редовно јавување кај надлежно службено лице. Откако било констатирано дека не е достапна, ѝ бил определен и 30-дневен притвор, кој треба да се спроведе по нејзиното приведување.

Михаилова, според изјави пренесени во бугарските медиуми, заминувањето го поврзала со потребата од лекување во Бугарија. Во однос на околностите под кои ја напуштила земјата, во јавноста беа објавени информации за недостиг од евидентирани гранични записи.

Случајот се однесува на сообраќајната несреќа што се случи на 7 октомври 2025 година, на експресниот пат Штип – Кочани. Во несреќата едно лице го загуби животот, а повеќе лица беа повредени.

Со одлуката за судење во отсуство, постапката против Михаилова може да продолжи и без нејзино физичко присуство во судницата. За обвинението и одговорноста ќе одлучува судот во текот на постапката.

Ева Тушевска, М-Нет